Божиќниот концерт во Универзална сала ја обедини македонската елита

  • Понеделник, 09 Јануари 2012 15:40

Црвен тепих, полна сала, познати ликови од професорската, музичката и актерската фела, неколку државни претставници и амбасадори е сликата за вчерашниот „Божиќен концерт“ кој го организираше „Универзална сала“. Камерниот оркестар „Скопски солисти“, под диригентската палка на бугарскиот диригент Андреј Андреев, а во изведба на тенорот Никола Китановски и пијанистот Игор Панчевски е главниот „виновник“ за едночасовното уживање на дел од македонската јавност во звуците на класичната музика и мелодиите на реномираните автори Албинони, Моцарт, Рахманинов, Сорозобал, Шуберт и Барток.

 

Оние кои не можеа да присуствуваат во Универзална сала пак, уживаа во класичната музика во директниот пренос на Македонската радио телевизија. Задоволството на присутните се забележа од нивните изјави во холот на Универзална сала, веднаш по завршувањето на концертот. Сите беа воодушевени од изведбата на „Скопските солисти“, тенорот Китановски и пијанистот Панчевски. Многумина од нив изјавија дека едвај го чекаат следниот „Божиќ“ за повторно да можат да уживаат во концерт од ваков вид.

 

Концертот претставува продолжение на традицијата на камерниот оркестар „Скопски солисти“ коj секој „Божиќ“ одржува концерт. Камерниот оркестар „Скопски солисти“ на Македонската музичка сцена се појави во 2000-та година. Оваа благородна и убава идеа ,по примерот на Загребските,Софиските и други слични оркестри на Балканот , ја реализираше реномираниот македонски oбоист, професорот М-р Васил Атанасов, кој воедно е и уметнички раководител на ансамблот. Концертот беше уште еден доказ дека македонската јавност знае и умее да ја негува културата и уметноста.

 

 

Инфо